DC полнење
DC полнењето (постојана струја) е најбрзото и најпосакувано за секој сопственик на EV, кога патува на долги растојанија или нема доволно време за полнење на AC. DC брзото полнење ги заобиколува ограничувањата на бордското полнење и потребната конверзија, и наместо тоа обезбедува постојана струја директно во батеријата, при што брзината на полнење може значително да се зголеми. Времето за полнење зависи од големината на батеријата, моќноста на станицата и до колку дозволува самата батерија. Многу возила се во состојба да добијат 80% полнење за приближно еден час или помалку, користејќи ги повеќето достапни DC полначи во моментов.
DC полнењето е од суштинско значење за возење на долги растојанија и им овозможува на возачите да полнат за време на кратки паузи, наместо да бидат приклучени цела ноќ или неколку часа. Треба да знаете дека DC полнењето го намалува ресурсот на батеријата и може да доведе до значителна загуба на капацитет. Поради оваа причина, кога постои можност, треба да се полни на AC или Шуко за продолжување на животот на батеријата.
Моќноста на DC станиците варира од 10 кВт до 400 кВт, а најраспространети се станиците од 50 кВт. Сите станици над 50 кВт се нарекуваат HPC Charger (High Power Charging). DC станиците се опремени со кабели за олеснување на сопствениците на EV да полнат без да е потребно да ги вадат каблите од својот електромобил.
Повеќето производители на DC станици нудат мултистандардни уреди кои овозможуваат полнење на CCS или CHAdeMO од една локација. Tesla Supercharger може да услужува само возила на Tesla, но возилата на Tesla можат да користат други полначи, како CHAdeMO и CCS за брзо полнење со постојана струја, преку адаптер.
Конектори кои се користат се пет типа:
CCS Combo1
Распространет во САД, Канада и други држави во Северна и Јужна Америка.
CCS Combo2
Распространет во сите останати држави освен Кина и Јапонија, а исто и оние кои користат CCS Combo1.
CHAdeMO
Конекторот е официјален стандард за Јапонија, но е распространет по целиот свет заради популарноста на еден од првите масовни електромобили Nissan Leaf.
Tesla Supercharger
Исто така еден од конекторите кои се распространети во Северна Америка, но може да се користи само од електромобилите на Tesla. Во Европа Tesla го користи Type2 конекторот за DC полнење на Model S/X, кои работат само со нивните електромобили.
GB/T
Овој тип конектор е распространет и стандардизиран во Кина и се користи само на електромобили произведени за кинескиот пазар.